Самопрогласената Народна Република Луганск во источна Украина, поддржана од Русија, наскоро би можела да одржи референдум за приклучување кон Русија, изјави денеска локалниот лидер Леонид Пашечник, пренесуваат проруските локални медиуми.
– Мислам дека во блиска иднина ќе се одржи референдум на територијата на републиката. Народот ќе го искористи своето најголемо уставно право и ќе го каже своето мислење за приклучување кон Руската Федерација, рече Пашечник.
Да потсетиме, во пресрет на инвазијата на Украина, рускиот претседател Владимир Путин ги призна Луганск и Доњецк како независни држави.
Луганск е најголемиот и главен град на истоимениот регион. Во самопрогласената република живеат околу 1,5 милиони луѓе.