Волстрит Журнал: Русите го труеле Роман Абрамович? Украинските преговарачи развиле симптоми

од Nikola Popovski
321 прегледи

Рускиот олигарх Роман Абрамович и украинските мировни преговарачи имале симптоми кои укажуваат на труење по состанокот во Киев на почетокот на овој месец, изјавија луѓе запознаени со ситуацијата за „Волстрит Журнал“.

По состанокот во главниот град на Украина, Роман Абрамович, кој патувал меѓу Москва, Лавов и други места каде што се водеа преговорите со руската страна, заедно со уште најмалку двајца истакнати членови на украинскиот тим, развиле симптоми како што црвени очи, постојано и болно кинење и лупење на кожата на лицето и рацете, велат упатените, а пренесува весникот.

Тие ги обвинија властите во Москва за сомнителниот напад, за кои рекоа дека сакале да ги саботираат преговорите за ставање крај на војната. Лице блиско до Абрамович истакнало дека не е јасно кој ја таргетирал нивната група.

Абрамович и украинските преговарачи, меѓу кои и претставникот на кримските Татари, Рустем Умеров, во меѓувреме се опоравиле и нивните животи не се во опасност, како што се наведува.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој исто така се сретна со Абрамович, не бил цел на нападот, се вели. Портпаролот на претседателот на Украина изјави дека нема информации за сомнеж за труење.

Западните експерти кои го истражуваат инцидентот велат дека е тешко да се утврди дали симптомите биле предизвикани од хемиски или биолошки агенс или некој вид напад на електромагнетно зрачење, тврдејќи дека се запознаени со ситуацијата, според „Волстрит Журнал“.

Веста за наводното труење ја објави и истражувачкиот портал „Bellingcat“, кој наведува дека потврдил како тројца членови на делегацијата на разговорите одржани ноќта меѓу 3 и 4 март покажале симптоми споредливи со оние по изложување на хемиско оружје. Според „Bellingcat“, една од жртвите е Роман Абрамович.

Слични содржини