Војната во Украина ќе има глобално влијание „поголемо од се што сме виделе по Втората светска војна“ и ќе ѝ наштети на светската безбедност на храната, бидејќи многу украински земјоделци, наместо да произведуваат значителни количини пченица за светот, сега се борат против Русија, рече директорот на Светската програма за храна при ОН (WFP) – Дејвид Бисли.
Во своето обраќање пред Советот за безбедност на ОН, Бисли изјавил и дека „и онака високите цени на храната во моментов вртоглаво растат“, пренесе британски „Гардијан“.
Агенцијата на ОН нахрани 125 милиони луѓе ширум светот пред руската инвазија на Украина, а Бисли сега објави дека се принудени да почнат да ја намалуваат помошта поради зголемените трошоци за храна, гориво и испорака, наведува британскиот весник, цитирајќи ја агенцијата АП.
Директорот на Светската програма за храна на ОН предупреди и дека војната во Украина особено ги загрозува некои земји, како Египет, кој добива 85 отсто од житото од Украина, и Либан, кој доби 81 отсто во текот на 2020 година.
Украина и Русија произведуваат 30 отсто од светската пченица, 20 отсто пченка и 75-80 отсто сончогледово масло, а Светската програма за храна на ОН откупува 50 отсто од житариците од Украина, вели Бисли, пишува британскиот весник.
Тој исто така рече дека војната ќе ги зголеми месечните трошоци на агенцијата на ОН за 71 милион американски долари поради зголемените трошоци за храна, гориво и испорака.
„Тоа ќе изнесува вкупно 850 милиони долари за една година, а тоа значи дека ќе има четири милиони луѓе помалку до кои ќе можеме да дојдеме“, предупреди директорот на Светската програма за храна на ОН, цитиран од „Гардијан“.