Откако Државниот заводот за статистика ги објави податоците од пописот бугарската јавност е затечена од резултатите, според кои во земјава има 3.504 Бугари.
Ако Северна Македонија сака да биде дел од Европската Унија, нејзините граѓани мора да бидат слободни да се самоопределуваат, напиша лидерот на бугарската партија „Има таков народ“ Слави Трифонов на својот Фејсбук профил.
Повод за неговата објава е официјалната информација на Државниот завод за статистика на Северна Македонија за пописот на населението во земјава.
„При објавувањето на резултатите Бугарите воопшто не беа споменати, а директорот на службата изјави дека тие ги претставуваат само етничките заедници кои се дел од македонскиот Устав.
При пописот во Северна Македонија само 3504 граѓани се изјасниле како Бугари, т.е. Бугари скоро и да нема. Сепак, повеќе од 100.000 бугарски пасоши се издадени на граѓани на Северна Македонија. Само во последните две години, кога светот беше затворен од пандемијата, бугарски пасоши добија 16.692 граѓани на Македонија, а според законите во Бугарија, државјанин на Македонија за да добие бугарски пасош, мора да го докаже бугарскиот корен. Па така, над 100.000 граѓани на Македонија ги докажуваат своите бугарски корени во Бугарија, а во Северна Македонија се плашат да се нарекуваат „Бугари“. Зошто во една нормална, европска земја, како што тврди Северна Македонија, човек би се плашел да каже што е тоа? Затоа што ова не е нормална, европска земја.
По логика, ако Северна Македонија сака да биде нормална, европска земја, т.е. за да бидат дел од Европската Унија, нејзините граѓани мора да можат слободно да се самоопределуваат и нивните права не смеат да бидат прекршени. Така што мое мислење е дека додека тоа не се случи, Северна Македонија едноставно ќе остане дел од Западен Балкан“, напиша Трифонов.
-Сите знаеја кои се веќе „официјалните“ резултати од пописот во РСМ. 3504 граѓани се дрзнаа да се запишат како Бугари, вака бугарскиот европратеник Андреј Ковачев ги коментира официјалните резултати од пописот во Македонија.
Тој напоменува дека повеќепати инсистирал на промена на Законот за бугарско државјанство.
-Добивањето бугарско државјанство по потекло не може да биде таен чин. Сите оние кои добиле бугарско државјанство по потекло мора да бидат објавени. Вака се објавуваат во САД, Канада, Германија или Франција, додаде Ковачев и нагласи:
-Да си доброволно бугарски државјанин откако ќе докажеш бугарско потекло и ќе потпишеш декларација дека се чувствуваш Бугарин не е тајна или срамна работа.
Според бугарскиот европратеник, при добивањето државјанство „потребна е церемонија или барем фотографија пред грбот и знамето“.
-Колку долго ќе чека (бугарското) Народно собрание?, праша Ковачев, објавија бугарските медиуми.
Жестоки реакции има и од поранешната бугарска министерка за надворешни работи и пратеничка на ГЕРБ, Екатерина Захариева. Таа обвинува дека податоците се фалсификувани.
„За жал, уште еднаш сме сведоци на старата државна политика за дискриминација на Македонците со бугарска самосвет и обид за нивно маргинализирање. Најчудно е што не се бројат Бугарите кои се надвор од државата, за разлика од другите етнички групи“, вели Захариева.
Бугарите во Македонија се еден од етникумите со најголем раст во периодот меѓу двата пописи. Од 1.487 евидентирани во 2002-та година, сега се 3.504 Бугари, што претставува раст од речиси два и пол пати.Според резултатите од пописот, бројките се: 54,25% од сите поброени лица се изјасниле како Македонци, 29,52% како Албанци, 3,98% како Турци, 1,18% како Срби, 0,87% како Бошњаци, a 0, 34% се попишале како Власи.