Спроведувањето на попис во државата не треба да се претвори во бесмислена меѓуетничка битка, изјави денеска претседателот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Али Ахмети.
– Ако отвориме спорови, Албанците ќе кажат дека и 200 до 300 илјади не се попишани, и Македонците, исто така и Србите, Турците… и што ќе правиме, ние нашата земја ќе ја претвориме во арена на дебати што не водат никаде, освен внатрешно расипување на односите меѓу етникумите. Во секоја земја има 10-12 проценти од населението кое не е попишано и во најдемократските земји. Вакво нешто можеби направиле македонски, албански, турски граѓани, кои не се одѕвале на повикот на државните институции за спроведување на граѓанскиот чин за попишување на жителите и општото богатство на граѓаните. Условите за сите беа еднакви. Државните институции постапуваа за сите без никаква разлика, но ова е резултат што е прифатен од надлежните институции. Внимателно ги слушав експертите за статистика на ЕВРОСТАТ кои го оценуваат како статистички потфат. Ќе апелирам до сите политички партии да не ја политизираат и да не ја расипуваат состојбата меѓу етникумите, рече Ахмети.
Тој истакна дека прашање на време е кога ќе се отвори Уставот „за да се отстрани додавката 20 проценти“.
– Сега засега најчувствително прашање е решавање на проблемот со бугарската страна, бидејќи тоа е пречка за понатамошниот напредок кон отворање на преговорите со Европската Унија, рече Ахмети.