Стапува на сила ултиматумот на Путин за гасот

од Vladimir Zorba
263 прегледи

Ултиматумот на Владимир Путин во врска со гасот денеска, 1. април, стапува на сила.

Рускиот претседател вчера попладне изјави дека потпишал декрет со кој се бара од странските купувачи да го плаќаат рускиот гас во рубљи од петок, од посебни сметки во банка посредник, велејќи дека испораката во спротивно ќе биде прекината.

Според декретот, странските купувачи од списокот на „непријателски држави“ ќе го префрлат договорениот износ во странска валута на посебна сметка во „Газпромбанк“, банката ќе купува рубљи во нивно име и ќе ги префрли на друга посебна сметка за да плати гас на Газпром во рубљи. Отворањето на посебна сметка „К“ во „Газпромбанк“ не е условено со присуство на претставник на странски купувач, се наведува во уредбата.

„Доколку плаќањата не се вршат на овој начин, ќе сметаме дека купувачот не ја подмирил својата обврска, со сите последици што произлегуваат од тоа. Никој ништо не ни дава бесплатно, затоа нема да бидеме добротворна организација“, рече Путин.

Со други зборови, во тој случај ќе бидат суспендирани постоечките договори, додаде рускиот претседател.

Набргу откако Путин го постави ултиматумот, Германија, Франција, Велика Британија и Холандија рекоа дека не се согласуваат.