Ковачевски: Има партии кои се финансирани од надвор и го попречуваат патот на Македонија во ЕУ

од Nikola Popovski
236 прегледи

Задоволството на Петков е поради напредокот на работата на работните групи. Ние имавме комуникација, а медиумскиот простор беше исполнет од пропагандисти кои ширеа хистерија меѓу двете држави. Ние веќе имаме авионски комерцијален лет, први стипендии на наши студенти во Бугарија, вчера се одржа средба на градоначалници од двете земји за проекти за меѓугранична соработка. Тоа дава задоволство не само кај бугарскиот премиер, но и кај мене за унапредените односи, вели премиерот Димитар Ковачевски во интервју за емисијата „360“.

Во однос на критиките од опозицијата, премиерот вели дека ние имаме и дијалог во однос на политичките прашања преку министерствата на двете земји.

-Јазикот, идентитетот, посебноста на македонскиот народ не е предмет на преговорите. Секој договор што ќе се постигне ќе биде критикуван од опозицијата како и сите договори досега што ги критикуваа. Ги повикавме да бидат дел од работните групи, но не сакаа. Доколку се дојде до прифатлив документ, ќе биде споделен со јавноста, наведува Ковачевски.

Околу Мешовитата историска комисија, Ковачевски вели дека таа била присутна кога имале заедничка владина седница во Софија.

-Присуствуваа двајцата копретседавачаи и појаснија дека ќе имаат поинтезивни состаноци. Самите изјавија дека постои напредок во договорот на одредени историски личности и сами треба да го објават тоа, информира премиерот.

Околу изјавата на Петков дека руски шпиони работеле против добрите односи меѓу Македонија и Бугарија, Ковачевски вели дека нема причина да не му верува на бугарскиот премиер.

-Особено што неговата изјава е од информации што ги има од безбедносните служби задолжени за такви активности. Детали немам, но нивните агенции ќе го споделат. За тоа дали постојат и на територија на С. Македонија тоа се класифицирани информации, но можам да кажам дека постојат поединци, групи и политички партии финансирани од трети држави кои не сакаат да ја видат Македонија во ЕУ и работат против договорот со Бугарија. Веднаш се појавија пропагандисти. Иста реторика има и во Бугарија, рече Ковачевски.

Слични содржини