Повеќе од 3 000 луѓе се евакуирани од украинскиот пристанишен град Мариупол, кој е под опсада на руската армија, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски во синоќешното видеообраќање.
Тој рече оти хуманитарните коридори вчера работеле во три украински области – Донецк, Луганск и Запорожје.
„Успеавме да спасиме 6 266 луѓе, од кои 3 071 од Мариупол“,рече тој.
Во видеообраќањето, Зеленски меѓудругото предупреди дека ситуацијата во источна Украина и натаму останува исклучително тешка од воена гледна точка.
Според него, Русија се подготвува за нови напади во источниот регион Донбас и североисточниот град Харков.
„Руските трупи во северна Украина се повлекуваат, бавно, но сигурно“,додаде тој.