Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави во неделата дека бројот на цивилни жртви може да биде многу поголем отколку во Буча, и тоа во Бородјанка и други ослободени украински градови, пренесе Си-Ен-Ен.
„Веќе има информации дека бројот на жртвите на окупаторите може да биде уште поголем во Бородјанка и некои други ослободени градови. Во многу села од ослободените окрузи на регионите Киев, Чернихив и Суми, окупаторите правеа работи што мештаните не ги виделе ниту за време на нацистичката окупација пред 80 години“, рече тој.
Тој додаде дека окупаторите „сигурно ќе сносат одговорност за тоа“ и ја истакна важноста новинарите да ги документираат последиците во ослободените украински градови.
„Обезбедуваме максимален пристап до новинарите во Буча и другите ослободени градови во Украина. За стотици новинари од целиот свет. И ние сме заинтересирани да имаме илјадници новинари таму. Што повеќе! Светот нека види што направи Русија“, нагласи Зеленски.
Тој предупреди дека Русија ќе се обиде да ги прикрие трагите на насилството извршено во Буча и во другите градови. „Тие се обидуваат да ги искриват фактите. Но, тоа нема да функционора. Тие нема да можат да го измамат целиот свет“, рече тој. Тој го повтори своето барање да се испрати повеќе оружје во Украина.
„Уште еднаш нагласувам: „Украина мора што поскоро да го добие сето потребно оружје за да ги избрка окупаторите од нашата земја“. Ако веќе го имавме она што ни требаше – авиони, тенкови, артилерија, противракетно и противбродско оружје, ќе можевме да спасиме илјадници луѓе“, заклучи Зеленски.
Портпаролот на претседателот, исто така, потврди дека Зеленски ќе се обрати пред Советот за безбедност на ОН во вторник наутро.