Јасикевичиус: Кога се одделивме од СССР, чекав ред за леб

од Nikola Popovski
321 прегледи

Тренерот на Барселона, Литванецот Шарунас Јасикевичиус, се потсети на тешкотиите што ги доживеал во првите години по независноста на неговата земја, кога тој и неговите родители биле во „редови за леб, ориз и тоалетна хартија“.

Легендарниот кошаркар е еден од најгласните критичари на руската инвазија на Украина.

„На почетокот беше многу тешко бидејќи кога станавте независна држава, тие (СССР) ви го прекинаа пристапот до сè што дотогаш беше многу лесно: храна, пијалок, бензин“, објасни Јасикевичиус во интервју за „Ел Мати де Каталуња Радио“.

Литванецот имал 14 години кога Литванија го добила статусот на независна држава во 1990 година и се сеќава дека пристапот до основните производи „бил доста ограничен“.

„Потоа имав среќа да живеам во мојата земја осум-девет години и точно е дека сме воодушевени од тоа како напредува. Имаме голема среќа што сме независни, имаме демократија и сами си ја избираме судбината“.

Јасикевичиус призна дека поради војната во Украина, некои денови се чувствува лошо што не го следи конфликтот со истото внимание како на почетокот.

„Во првите недели сите бевме залепени за ТВ, но веќе имаме 40 дена војна. Помалку зборуваме и лошо ми е. Ние сме до Украинците, размислуваме да им помогнеме. Барем да разговараме за тоа“, додаде тој.

Тој смета дека Русија „заостанала далеку“ во последните 30 години во споредба со другите поранешни советски републики како Литванија, која „направила огромен чекор во животниот стандард и напредувала како држава“.

„Можеби луѓето во Русија го поддржуваат (Владимир Путин) затоа што не знаат колку напреднале нашите земји. За жал, немаа толку среќа, но тоа е нивен проблем“.

Трофејниот Литванец исто така призна дека е загрижен поради близината на неговата земја до војна, но и дека е среќен што Литванија е дел од НАТО алијансата.

„Во оваа ситуација ќе требаше да се донесат одлуки. Сепак, ми се чини дека во моментов не сме во тоа. Многу сме среќни што сме дел од НАТО. Некои земји мислат: „Се додека тоа не е моја војна, не сум премногу загрижен“. За жал, тоа е дел од човековата природа. Мислите дека сè е многу далеку овде, но во современиот свет сè е многу поблиску“.

Запрашан за враќањето на руските екипи во Евролигата, тој беше конкретен.

„Многу е тешко да се зборува за тоа во моментов. Претходно немаше проблеми во натпреварувањето со тие тимови, а тоа ја промени војната. Сè додека има војна, невозможно е да се предложи нивното враќање, но кога ќе заврши, треба да видиме“.

Слични содржини