Кои се ќерките на Путин и зошто САД ги санкционираше?

од Nikola Popovski
235 прегледи

САД воведоа нови санкции за руските банкарски институции и поединци, а на тој список се и ќерките на Владимир Путин, Марија Воронцова и Екатерина Тихонова.

Путин ги доби двете со поранешната сопруга Људмила од која се разведе во 2013 година.

Која е Марија Воронцова?

САД велат дека Воронцова (36) води државно финансирани програми за истражување на генетиката кои добиле милијарди долари од Кремљ и се лично надгледувани од Путин. Воронцова е научник и специјализирана за ендокриниот систем.

Profimedia/TV channel / East2West News

Воронцова напишала книга за заостанатиот раст кај децата, а е наведена и како истражувач во Истражувачкиот центар за ендокринологија во Москва, пишува Би-Би-Си. Таа е деловна жена, додаваат, а Би-Би-Си Русија ја идентификуваше како косопственик на компанија која планира да изгради огромен медицински центар.

Воронцова е во брак со холандскиот претприемач Јорит Јост Фасен, кој некогаш работел за рускиот државен енергетски гигант Газпром. Луѓето кои разговарале со неа по нападот на Украина велат дека таа го поддржува нејзиниот татко, наведува Би-Би-Си.

Која е Екатерина Тихонова?

Нејзината сестра, 35-годишната Екатерина Тихонова, Белата куќа ја опиша како технолошки директор чија работа е поддржана од руската влада и руската одбранбена индустрија. Тихонова е и рокенрол танчер која учествувала на меѓународни натпревари, велат Американците. Таа и нејзиниот партнер го освоија петтото место на меѓународниот натпревар во 2013 година.

Истата година се омажила за Кирил Шамалов, син на долгогодишен пријател на Путин. Нивната венчавка се одржала во ексклузивен ски-центар во близина на Санкт Петербург. Тамошните работници изјавиле дека двојката пристигнала со санки влечени од три бели коњи.

Profimedia/ Nevar inc / East2West News

Шамалов беше санкциониран од САД во 2018 година поради неговата улога во рускиот енергетски сектор. Министерството за финансии на САД соопшти дека „неговото богатство драстично се зголемило по бракот“. Двојката оттогаш се раздели.

По нападот на Украина, двајца руски активисти беа уапсени бидејќи окупирале луксузна вила во Бијариц, за која се тврди дека е во сопственост на Шамалов. Тихонова накратко се појави во руските државни медиуми во 2018 година за да зборува за невротехнологијата и на бизнис форумот во 2021 година. Нејзината врска со Путин никогаш не беше спомната.

Путин е многу внимателен кога станува збор за неговото семејство.

– Никогаш не зборувам со никого за моето семејство, изјави претходно рускиот претседател.

Зошто ќерките на Путин се санкционирани?

Запрашан зошто се санкционирани ќерките на Путин, висок функционер на администрацијата на Бајден рече дека САД сметаат дека можат да имаат контрола врз дел од неговиот имот, пишува Би-би-си.

– Имаме причина да веруваме дека Путин и многу негови пријатели и олигарси го кријат своето богатство, имотот, со членови на семејството кои го ставаат својот имот и своето богатство во американскиот финансиски систем, како и во многу други делови од светот, рече официјалното лице.