Русија претрпе „значителни загуби на војници“, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, иако не го прецизираше точниот број, а руските власти постојано избегнуваат да ја објавуваат оваа информација.
На прашањето за време на интервјуто за Sky News дали војната е „понижување“ за Русија, имајќи предвид дека руските сили се повлекоа од главниот град на Украина, изгубиле илјадници војници и дека украинскиот претседател Володимир Зеленски се уште е на власт, Песков вели дека тоа е „погрешно разбирање“ за тоа што се случува.
„Имаме значителни загуби на војници и тоа е огромна трагедија за нас“, рече тој.
Како што нагласи, повлекувањето од регионот на Киев и северниот град Чернихив е „чин на добра волја“.
За време на интервјуто, Песков ги повтори причините на Русија за извршување на, како што рече, „специјалната воена операција“, велејќи дека Украина станала „антируска“ и дека Русија станала „многу нервозна“ кога НАТО почнал да се движи кон нејзините граници.
Според последниот извештај од крајот на март, Русија објави дека загинале 1.351 војник.
Точниот број на жртви не е познат, но еден претставник на НАТО, цитиран од американските медиуми, изјави дека проценките се движат меѓу 7.000 и 15.000.