За да се прифатат барањата на синдикатот повикуваме на конструктивен дијалог како и добра анализа на тековните и ново настанатите проблеми со енергетската и Украинската криза . Сигурен сум во волјата на Владата успешно да се реши проблемот со администрација и воопшто за сите вработени. Мораме да наведеме дека во членот 8 од ЗМП е предвиден и рокот за усогласување на плати со минималната плата, значи ова е времето во кое треба да се интензивира дијалогот во правец на конструктивно решение која ќе биде на полза на двете страни, вели за „Локално“, министерот за информатичко општество и администрација Адмирим Алити.
Според Министерот, правото на протест во Република Северна Македонија е законско загарантирано право за сите вработени.
– МИОА го почитува ова право и води политика на конструктивен социјален дијалог со нашите социјални партнери т. е претставниците на синдикатот. Треба да се има предвиде дека Законот за работните односи точно ги предвидуваа правата на протест, но и обврските на работниците за време на штрајк или протест. Мислиме дека преговарањето како главна алатка на социјалниот дијалог треба да биде и остане најдобар начин во постигнување на подобар стандард за вработените во јавната администрација, додава Алити.
Алити информира и дека новиот предлог закон за покачување на платата на администрацијата е во Собраниска процедура и се очекува во следните денови да биде донесен од страна на Собранието.
– МИОА како надлежно министерство одговорно за вработените административни службеници достави предлог Закон за изменување на Законот за административни службеници со кој се воведува нов систем на плати, односно со овој систем со покачувањето на минималната плата паралелно, линеарно се зголемуваат платите на сите административни службеници на кои се прави пресметката на плата по овој закон (10677), вели Алити.
Инаку вработените во управата и правосудството во четврток и петок ја прекинаа работата два часа, од 10 до 12 часот, барајќи исплата на минимална плата и линерано зголемување на платите на сите вработени за 2.806 денари. Синдикатот на УПОЗ најави дека ваков протест ќе има во сите институции каде што има членови на оваа синдикална организација, а тоа се министерства, агенции, фондови, управи и судови.
М.А.