Германска зоолошка градина бара ново име за дивата свиња „Путин“, објавен конкурс

од Nikola Popovski
343 прегледи

Дива свиња именувана по рускиот претседател Владимир Путин повеќе нема да се вика така бидејќи, како што велат, „ниту една свиња не го заслужува тоа име“ по руската инвазија на Украина.

Вепарот тежок 200 килограми, кој живее во зоолошката градина во германскиот град Оберфранкен, пристигнал таму како младенче и го добил името Владимир Путин бидејќи има руско потекло, објави Билд. Меѓутоа, по инвазијата на Украина, властите во градината одлучиле да го сменат неговото име за да нема никакви врски со рускиот лидер.

Сопственикот на свињата, Екард Микиш за Билд изјави дека испаднало дека „ниту една свиња не го заслужува тоа име“.

Микиш, кој е и сопственик на зоолошката градина, реши да организира онлајн гласање и ги повика пријателите и посетителите во паркот да предложат име како семејствата кои доаѓаат во градината да не си заминат со „негативно искуство“ поради името на четиригодишната свиња.

Микиш изјавил и дека „Путин“ е социјално животно и водач на неговото стадо диви свињи, но дека е наметлив кога е време за хранење.

„Но, тој не е диктатор“, нагласил Микиш.

Кога станува збор за потенцијалните имиња, предложени се околу 2.700, а меѓу фаворитите очекувано се Зеленски и Кличко по украинскиот претседател Володимир Зеленски и градоначалникот на Киев Виталиј Кличко.

Фото: Profimedia