Додека Манчестер Јунајтед влегува во последната фаза од преговорите со холандскиот менаџер Ерик тен Хаг, „Олд Трафорд“ работи напорно за да изгради тим за следната сезона.
Неодамна пишувавме за проектираниот тим на „црвените ѓаволи“ за следната сезона, во кој ќе има неколку големи засилувања, но во преодниот рок тоа е „жива работа“ и можно е нешто во меѓувреме да пропадне.
Најголемата ѕвезда која би можела да се пресели во Манчестер Јунајтед е капитенот на репрезентацијата на Англија, Хари Кејн, кој вчера доби „татковски“ совет од Стивен Џерард да остане во својот Тотенхем. Доколку пропадне трансферот на Кејн, раководството на Јунајтед би се насочило кон алтернативно решение.
Напаѓачот на Евертон, Ричарлисон е замена за Хари Кејн. Бразилскиот напаѓач беше желба на Јунајтед уште во 2017 година, но потоа замина од Флуминенсе во Вотфорд, а по само една година се пресели на „Гудисон Парк“ и потпиша за Евертон.
На „карамелите“ сезонава им се заканува испаѓање од Премиер лигата, клубот е во голем пад, а 24-годишниот напаѓач изрази желба да го напушти клубот и да се испроба во посилна средина.
Евертон бара околу 70 милиони фунти за бразилскиот репрезентативец кој во дресот на „карамелите“ одигра 144 натпревари и постигна 49 гола.