Брисел без изговори треба да направи притисок врз Софија да го повлече ветото, бидејќи овој народ покажа многу пати во минатото дека има европски вредности и дека заслужува да ги почне преговорите за членство во ЕУ, изјави денеска лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања по пуштањето во употреба на спортски комплекс во Општина Бутел.
– Кај мене има оптимизам и за април и за мај и за јуни, и така се до декември и така следната година. Секогаш има оптимизам ако навистина Брисел сака Македонија да ги почне преговорите, истакна Мицкоски, запрашан дали е оптимист за старт на преговарачкиот процес на земјава со ЕУ во јуни.
Тој истакна дека опозицијата не знае за каков договор преговара Владата со Софија, додавајќи дека за ВМРО-ДПМНЕ е неприфатлив и нема да почитува каков и да е договор со Бугарија што би предизвикал повреда на чувствата на македонскиот народ, би го негира постоењето на посебната македонска историја, традиција и обичаи и доколку не ја одразува различноста на македонскиот од бугарскиот народ и автентичната борба на македонскиот народ за своја сопствена држава.