МОН: Настава мора да се организира и за време на штрајк

од Vladimir Zorba
234 прегледи

Министерството за образование и наука соопшти дека и од понеделник, за кога е најавен штрајкот од страна на раководството на Синдикатот за образование, наука и култура – СОНК, основните и средните училишта ќе продолжат да работат, односно ќе примаат ученици и ќе организираат воспитно – образовен процес.

Правната регулатива во оваа област ги штити интересите и на учениците. Согласно законите за основно и средно образование, воспитно-образовната работа мора да се реализира во текот на целата наставна година, велат од МОН.

„Прекин не смее да има, освен во услови на вонредни околности како постоење на кризна состојба, прогласена епидемија, односно пандемија, пожари, поплави или други големи природни непогоди, за што одлучува Владата и го уредува начинот на организирање и реализирање на наставата до крајот на учебната година“, се посочува во соопштението.

Според Министерството, училишните раководства имаат законска должност да го организираат воспитно – образовниот процес и да овозможат продолжување на континуитетот на следење на настава во училниците, кој беше воспоставен откако по година и половина едукација на учениците во вонредни околности и услови на пандемија, тие повторно се вратија во училишните клупи.

Слични содржини