Предавање во МСУ на професор Владимир Јанковиќ од Универзитетот во Манчестер

од Vladimir Zorba
300 прегледи

Во рамки на Интердисциплинарната програма „Без/редие во светот на уметноста“, вечерва, во 19 часот, во Музејот на современата уметност – Скопје, со физичко присуство предавање ќе одржи Владимир Јанковиќ, професор по Хуманистички науки на Универзитетот во Манчестер, Велика Британија.

Предавањето насловено како „Синтетички неба: спектакл, опскурност и естетското постоење на трагите“ ги проучува кондензирачките линии на небото направени од авионите, кои предизвикуваат еколошка контроверзност и внимание кај јавноста. И покрај тоа што овие појави се објаснети како најголеми човечки артефакти со значително влијание врз животната средина и атмосферата на Земјата, тие немаат негативна конотација, како другите еколошки девастирачки процеси: климатските промени, излевањето на нафтата, растот на температурите и пожарите и токсичниот отпад.

Предавањето ќе ги проследи овие артефициални траги на небото, како естетски и еколошки показатели, кои нудат сознанија за влијанијата врз атмосферата и животната средина. Во оваа насока ќе се проследат бројни уметнички дела, кои ги интерпретираат овие појави, тргнувајќи од нивното прозаично постоење, како предмет на уметничко и естетско вреднување, се до естетизацијата на насилството врз животната средина, како процес во културата.

https://www.youtube.com/watch?v=07MUHdwVGqE

Владимир Јанковиќ е професор по Хуманистички науки на Универзитетот во Манчестер, Велика Британија. Тој е ко-основач на Центарот за кризни студии на Универзитетот. Застапен е со бројни публикации, кои се однесуваат на историјата на атмосферските науки, урбаната климатологија и атмосферската естетика како што се следниве изданијата „Читајќи го Небото“ (2001), „Соочување со Климата“ (2010), исто така и ко-едитираните изданија „Интимни Универзалности“ (2009), „Клима“ (2011) и „Градски времиња“ (2012). Неговите истражувања се финансирани од реномирани институции и фондации како „UK Economic and Social Research Council“, „Arts and Humanities Research Council“, „Welcome Trust“, „US National Science Foundation“ and „US Social Science Research Council“. Владимир Јанковиќ е автор на телевизиската серија „Бури на Војната“ емитувана на Дискавери програмот.

Влезот за ова предавање е слободен.

Слични содржини