Целите и задачите на специјалната операција во Украина ќе бидат исполнети, изјави денеска рускиот претседател Владимир Путин, нагласувајќи исто така дека Русија не планира да се изолира од остатокот од светот.
„Нема сомнеж дека целите на операцијата во Украина ќе бидат постигнати. Целта на специјалната операција е да им се помогне на луѓето во Донбас, Руската Федерација беше принудена на тој чекор“, рече Путин за време на посетата на космодромот Восточни, во регионот Амур.
Исто така, според зборовите на рускиот лидер, тој ја оцени специјалната операција во Украина како правилен чекор, пренесоа руските медиуми.
Путин денеска зборуваше и за влијанието на западните санкции против Москва и рече дека Русија нема да се изолира и е подготвена да соработува со сите партнери кои тоа го сакаат, а руската операција во Украина ја оцени како „правилна“.
„Нема да се изолираме. Во современиот свет, целосно е невозможно строго да се изолира во секое време, а невозможно е да се изолира огромна земја како Русија. Ќе работиме со оние партнери кои сакаат да комуницираат“, рече Путин, пренесе ТАСС.