Портпаролот на Пентагон Џон Кирби изјави дека во Европа има 100.000 американски војници, но дека не е исклучена можноста за испраќање дополнителни сили, доколку членките на НАТО сакаат или имаат потреба.
-Правиме се што можеме за да им помогнеме на сојузниците. Имавме 80.000 војници во Европа, а сега има 100.000, рече Кирби во онлајн обраќањето до медиумите.
-Нашата цел е Украина да победи во неиспровоцираната инвазија на руските сили. Никој сега не може да знае како ќе изгледа крајот на војната, додаде Кирби.
Според него, САД сакаат Украина да биде цела, да се почитува нејзиниот суверенитет и Русија да ја напушти територијата на таа земја.
-За победата треба да одлучи претседателот на Украина Володимир Зеленски, појасни Кирби.
Тој изјави дека руските сили се прегрупираат и се повлекуваат во регионот на Донбас и југоисточна Украина.
Единиците од околината на Киев се повлекуваат кон Белорусија и Русија и очигледно е дека се прегрупираат за акции на истокот и југот на Украина, рече Кирби.
Тој изјави дека кон средината на месецот треба да бидат завршени два пакета помош за Украинците, во вредност од 800 и 100 милиони долари.