Корисниците на куќарките на Кејот не биле примени од Арсовска, од Градот го обвинуваат Шилегов за нивната состојба

од Vladimir Zorba
334 прегледи

Ние бевме во Град Скопје, баравме прием со градиначалничката. Не нè прими. Поднесовме само барање, вели за „Локално“ еден од продавачите на стари книги и други антикварни предмети во дрвените куќички на Кејот „13 ноември“, во врска со барањето од Град Скопје да ги напуштат истите до 21 Април.

Од другата дрвена куќарка продавачите, кои сакаа да останат анонимни, нè информираа дека само им е доставено известување, но не добиле одговор која е причината да ги изпразнат куќичките.

– Ни дадоа само писмено решение до 21 да се изпразнатне куќичките. Ништо не ни кажаа зошто да ги изпразниме. Бевме вчера во Град Скопје, поднесовме барање до Данела (Арсовска), сега чекаме со Господ напред. Во соопштението од Град Скопје не ни пишува да се дислоцираме, само да ги изпразниме куќичките. Кај го има ова, нека ни кажат кај ќе биде локацијата. Ништо не ни кажаа зошто и како. Проблемот е што никому не му е гружа како ни е. Немаме ни греење, нема ни тоалети, хорор е тука, велат продавачите.

За затекнатата состојба со корисниците на куќарките на Кејот 13 ноември од Град Скопје за „Локално“ појаснуваат дека лицата се без активни договори со град Скопје од 01.02.2018 година.

– Претходниот градоначалник на Градот Скопје, Петре Шилегов свесно ги оставил корисниците на куќарките четири години да ги користат противправно без постоење на правен основ за нивно користење, велат од Град Скопје.

Тие се децидни дека ваквата состојба најмалку одговара на корисниците на овие привремени објекти и поради тоа градот Скопје во транспарентна и законска постапка со објава на јавен оглас ќе ја разреши ситуацијата.

– Овие корисници за првпат се пријавиле на јавен оглас во 2011 година со договор од времетраење од една година, што се продолжувал со анекс секоја наредна година. Оваа пракса прекинала на 31.01.2018 година и овие граѓани целосно се ставиле во милост и немилост. Свесно биле оставени без дозвола и договор да ги користат куќарките, оставајќи можност на претходното раководство да се отстранат кога ќе посакаат. Дотолку што постојната состојба е спротивна на прописите, ја ограничува конкурентноста и го оштетува буџетот на Градот и граѓаните, додаваат тие, додаваат тие.

Од Град Скопје додаваат дека корисниците се веќе известени дека во рок од 15 дена треба да ги ослободат куќарките од предметите кои се во нивна сопственост и да ги предадат објектите на Градот Скопје во состојба во којашто ги примиле според Записникот, затоа што не постои правен основ за нивно понатамошно користење.

Како што информираат од Градот, во следниот период ќе се објави јавен повик каде овие лица и сите останати заинтересирани ќе можат да се пријават за користење на јавни површини, односно користење на куќарките.

М.А.

Слични содржини