Американскиот Стејт департмент го објави годишниот извештај за состојбата со човековите права во светот и во однос на С. Македонија се наведува дека Владата генерално презела чекори за истрага и санкционирање на функционери вмешани во злоупотреби и корупција.
-На 16 април, полицијата го уапси поранешниот советник на Кабинетот на премиерот и генерален владин секретар Драги Рашковски. Рашковски е уапсен по истрагата на ОЈО за измама за набавка на софтвер за следење на сообраќајот за МВР. Рашковски поднесе оставка на 12 април и беше во домашен притвор. Обвинителството подигна обвинение против Рашковски и шест други за злоупотреба на службената положба и овластување и за перење пари за местење јавни набавки на четири софтверски решенија во периодот од 2017 до 2021 година и за извршување финансиски трансакции со цел да се сокријат приходите од криминал. Од 15 ноември, обвинението се чекаше на потврда пред тричлениот совет на скопскиот Кривичен суд за да продолжи на судење. На 23 јули, затворската полиција ја префрли поранешната главна специјална обвинителка Катица Јанева од домашен притвор во затворот „Идризово“ во Скопје, по одлуката на скопска Апелација да ја потврди нејзината пресуда од 2019 година во случајот „Рекет“. Јанева беше осудена на седум години затвор за злоупотреба на службената положба во времето кога беше специјална обвинителка и беше задолжена да гони високата корупција. Главниот обвинет во судскиот процес „Рекет“, Бојан Јовановски (познат како Боки 13), беше префрлен во затвор на отслужување на деветгодишната затворска казна на 22 јули, стои во Извештајот.
Според Стејт Департментот, Владата генерално го спроведуваше законот, но имаше извештаи за функционери вклучени во корупција.
-Невладините организации изјавија дека доминантната улога на владата во економијата создава можности за корупција. Владата беше најголемиот работодавач во земјата. Според министерот за информации, општество и администрација, на крајот на декември 2020 година во јавниот сектор имало 131.183 вработени лица. Претходно, некои поединци на платниот список на владата не се наоѓаа на соодветни позиции во администрацијата. На 19 јануари, владата усвои план за распоредување на 1.349 државни службеници од Министерството за политички системи и односи со заедниците, кои во тоа време не работеле на реална позиција – на конкретни работни места во 237 владини институции. Владата на 27 април го разреши директорот на Државниот пазарен инспекторат, Стојко Пауновски, затоа што одбил да ја спроведе владината одлука за распоредување на 35 државни службеници во неговата институција, се вели во Извештајот.
Од Стејт департментот исто така го потенцираат податокот што Народниот правобранител смета дека полициската неказнивост продолжува да биде проблем, иако се забележува дека тоа е случај помалку од претходно.
Во однос на парламентарните избори кои се одржаа во 2020, Извештајот ги окарактеризира изборите како „вистински конкурентни“ и покрај, како што се наведува, ограничената способност на политичарите да спроведат достапност за време на пандемијата.
И покрај физичките подобрувања во некои установи, затворот Идризово, во кој се сместени приближно 45 отсто од затворенците во земјата, е предмет на критики во Извештајoт.
Се забележува дека се работи за дотраени објекти, сериозна пренатрупаност, при што некои затвореници се изложени на нехумани и понижувачки услови. Исто таа и распространетата корупција на затворскиот персонал се наведува како значаен проблем во затворскиот систем.
Win McNamee (Getty Images)