Руската армија денеска се закани дека ќе ги нападне воените командни центри во главниот град на Украина, Киев, обвинувајќи ја Украина дека цели на руска територија.
„Гледаме обиди за саботажа и удари на украинските сили врз цели на територијата на Руската Федерација“, изјави Игор Конашенков, портпарол на руското Министерство за одбрана.
„Доколку таквите настани продолжат, руската војска ќе изврши напади врз центрите каде се донесуваат одлуки, вклучително и во Киев, од кои руската војска досега се воздржуваше“, додаде тој.
На крајот на март руските сили се повлекоа од регионот на Киев, откако еден месец залудно се обидуваше да го опколи и нападне.
Портпаролот на руското Министерство за одбрана денеска додаде дека зоната на трговското пристаниште Мариупол, стратешки важен град во југоисточна Украина, е целосно освоена.