Ковачевски: Платите и пензиите ќе продолжат континуирано да растат

од Vladimir Zorba
131 прегледи

Премиерот на С.Македонија Димитар Ковачевски на трибината на „Фајнанс Тинк“ истакна дека и во овие услови на изразена економска криза континуитетот на трендот на раст на просечната и на минималната плата е резултат на економските мерки и политики што ги спроведува Владата.

„Во јануари 2022 година исплатената нето-плата по вработен, изнесува 29.980 денари. Минималната плата е зголемена на 18.000 денари, а пензиите доживеаја историски највисок раст. Со новите методологии кои Владата ги утврди и за платите и за пензиите, тие ќе продолжат континуирано да растат“, рече Ковачевски и додаде дека во моментот имаме најниска стапка на невработеност во државата од 15,2%.

„Сите досегашни зголемувања и на пензиите и на минималната плата се остварија низ дијалог во којшто учествуваа сите синдикати, и репрезентативниот, но на мое инсистирање присуствуваа и нерепрезентативните синдикати и со сите нив разговаравме дека зголемувањето на платите треба да се направи низ процес на реформи. Разговараме за три аспекти, едниот е зголемување нормално согласно растот на животниот стандард, согласно растот на минималната плата и согласно инфлацијата”, истакна Ковачевски.