Царинската Управа и царинските работници се еден од првите контакти со нашата земја и затоа поставените норми за професионално царинското работење ги препознаваме како важен предуслов за унапредување на меѓународната трговија на нашата земја, изјави претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски, каде денеска се обрати нa централниот настан по повод 30 години Царинска Управа и Денот на Царината.
Според него, Царинската Управа изминатите две години во периодот на глобална криза предизвикана од пандемијата со КОВИД-19 обезбеди непречен прекуграничен проток на стоките и со тоа покажа способност за брзо прилагодување и проактивно делување во новонастанатите околности.
-Република Северна Македонија и регионот бележат голем раст на бројот на патници и обем на стока во услови кога технологијата го менува економското окружување каде делува Царинската Управа.
Во концептот за модернизирано царинско работење (Smart Borders) е потенцирана улогата на Царината како еден од главните поддржувачи на Агендата 2030 на Обединетите Нации за одржлив развој. Преку создавање на фер услови за сите учесници во царинската постапка преку поедноставени, стандардизирани и хармонизирани постапки треба да се обезбеди навремена испорака на сите суровини за индустријата и да се отворат можности за пристап до нови пазари, кажа Ковачевски.
Премиерот додаде дека Владата ќе продолжи со поддршка и промовирање на сите соодветни инструменти, иницијативи и алатки за поддршка на Царинската Управа, кои преку дигитализација, автоматизација, безхартиено работење и градење на капацитети ќе обезбедат унапредување на ефикасноста и транспарентното и отчетно работење.
-Враќањето на довербата на граѓаните во институциите е приоритет за оваа Влада и преку овие напори за дигитализација и зголемена ефикасност, убеден сум дека ќе ги постигнеме нашите заеднички цели, заклучи Ковачевски.