Сојузот на борците од Битола најавија протест против отворањето на клубот со „името на еден од најголемите експоненти на фашизмот и недвојбениот соработник на фашистичките главешини Хитлер, Мусолини, Анте Павелиќ и царот Борис III“. За денеска во Битола е најавено отворањето на клубот на Бугарите од Македонија културен центар Ванчо Михајлов, а за чие отворање предвидена е посета и на бугарскиот премиер Кирил Петков.
Според Сојузот на борците од Народноослободителната и Антифашистичката војна на Македонија 1941-1945 со отворањето на овој клуб се врши промоција и рехабилитација на фашистичката идеологија, милитаризмот и антимакедонските политики од времето на Втората светска војна, се промовира историографски ревизионизам насочен кон негирање на Националноослободителната војна на македонскиот народ и нејзините придобивки во поглед на афирмација на македонскиот национален индивидуалитет и македонската национална држава и се врши навреда на македонското национално достоинство.