Американскиот претседател Џозеф Бајден и неговата сопруга Џил, како и потпретседателката Камала Харис и нејзиниот сопруг Даг Емхоф, објавија информации за нивната заработка во 2021 година.
Бајден заработил 610.702 долари и платил 24,6 отсто од таа сума на име на федерален данок на доход – 150.439 долари, пренесе Гласот на Америка.
Како претседател, Џозеф Бајден заработил 378.333 долари, што е нешто помалку од предвидената претседателска плата од 400.000 долари откако ја презеде функцијата во јануари.
Бајден донирал 2,8 отсто од вкупниот приход – 17.384 долари во добротворни цели, 5.000 долари на фондацијата „Бо Бајден“, која се занимава со спречување на злоупотреба на деца. Бо Бајден, синот на претседателот, почина од рак во 2015 година.
„Ова е 24-то официјално соопштение за тоа колку претседателот заработил и платил даноци. Уште еднаш покажуваме дека сакаме да бидеме транспарентни кон граѓаните на Америка, кога станува збор за финансиите на врховниот командант“, посочија од Белата куќа.
Американските претседатели традиционално објавуваат колку заработиле и колку платиле данок. Таа традиција не ја почитуваше поранешниот претседател на САД, Доналд Трамп, кој тврдеше дека таа информација не може да ја објави бидејќи била под ревизија на Даночната управа. Администрацијата сепак го негираше тоа и објави дека Трамп е слободен да ги објави податоците.
Потпретседателката на САД, Камала Харис и нејзиниот сопруг Даг Емхоф пријавиле приход од 1.666.563 долари, а на име на федералниот данок платиле 31,6 отсто – 523.371 долари.
Емхоф ја напушти својата адвокатска канцеларија во 2021 година, па неговите партнери го плаќаат неговиот дел, објави Белата куќа. Минатата година на име на таа исплата добил 582.543 долари.
Емхоф, кој сега предава на Универзитетот Џорџтаун, и Харис заработија вкупно 380.288 долари кога беа комбинирани нивните две плати, а добија дополнителни 319.000 долари од продажбата на куќа во Сан Франциско.
Во 2021 година, потпретседателката на САД заработила 386.713 од продажбата на нејзината книга.
Околу 1,3 отсто од приходите беа донирани – 22.000 долари отидоа во добротворни цели.