Турција подготвува закон против дезинформации, за кој наскоро ќе се разговара, изјави пратеник на владејачката Партија на правдата и развојот (АКП), цитиран од турската приватна телевизија „НТВ“.
Пратеникот Хусеин Јајман објасни дека ова не е некаква регулација на социјалните мрежи, туку мерки против дезинформациите, за кои рече дека постојат во Европа.
„Сакам да и го кажам на јавноста следново: ние не ги регулираме социјалните медиуми. Ние ги регулираме дезинформациите“, рече тој, додавајќи дека „не се работи за опструкција или ограничување на социјалните медиуми“.
Јајман појасни дека предлог-законот наскоро ќе биде претставен на јавноста и отворен за дискусија.
„Турција ќе го има тоа што го има во Европа“, рече тој. „Овој закон е прашање на неопходност за Турција“, додаде тој.