Зеленски го покани Бајден да ја посети Украина

од Берта Китинска
161 прегледи

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека претседателот на САД Џозеф Бајден треба да ја посети Украина и дека бегалците кои ја напуштија таа земја се уште не треба да се вратат.

„Мислам дека Бајден, како претседател на САД, треба да дојде овде и да види сè со свои очи“, рече Зеленски во интервју за Си-Ен-Ен.

Минатиот петок Белата куќа објави дека патувањето на Бајден во Украина во моментов не е планирано, додека американскиот лидер претходно посочи дека одлучува кој од високите американски функционери ќе ја посети Украина во блиска иднина.

Зеленски изрази уверување дека мнозинството бегалци сакаат да се вратат во Украина и дека ќе можат да го сторат тоа кога ќе завршат непријателствата.

„Ја знам статистиката, 93-95 отсто од оние што заминале сакаат да се вратат дома. Мислам дека сега не е време за тоа, бидејќи се работи за жени и деца. Тие треба да се вратат кога ситуацијата ќе се стабилизира“, рече тој.