Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска во текот на денешна работна посета во Општина Струмица, даде изјава за јавноста во врска со штрајкот организиран од СОНК, во која вели дека местото на учениците е во училиште, а на предучилишните деца во градинка, како и дека одбивањето на понуденото решение од Владата за зголемување на платите на наставниците, воспитувачите и негувателите од 10% во време на светска криза е само потврда дека интересите на децата не се земаат во предвид, туку личните интереси на СОНК.
„Почнува втората недела откако децата се надвор од процесот на образование децата се надвор од процесот на згрижување и воспитување од детските градинки. Решението кое што го понуди Владата до претставниците на СОНК беше зголемување на платите за 10 % на наставниците професорите, воспитувачите и негувателите, отворање на општ колективен договор и нова методологија за постојан раст на платите кој што ќе го следи растот на цените на трошоците на живот и растот на просечната плата. Ваквото решение беше одбиено од страна на СОНК што зборува дека не станува збор за интересите на децата и учениците туку СОНК постапуваат само согласно на своите лични интереси,“ рече Тренчевска
Да потсетиме дека во 2019 година, додаде Тренчевска, порастот на платите во детската заштита беа зголемени за 21 % и со овој пораст од 10% покачување на платите ќе имаме покачување од 31% за само неполни 3 години. Покачувањето од 2500 денари во просек на платата на воспитувачите и 2000 денари во просек на платата на негувателите во услови на Ковид криза, ценовна криза и економска криза е навистина пораст кој што требаше да биде прифатен од страна на организаторите на штрајк -СОНК.
„За она што децата се сеуште надвор од процесот на образование и од процесот на згрижување во установите за предучилишно образование единствено се виновни СОНК како организатори на штрајкот, со тоа што го продолжија штрајкот, а не го прифатија реално доброто понудено решение од страна на Владата, МТСП и МОН. Владата прави се за да најде соодветно решение да најдеме заеднички јазик со СОНК за децата да се вратат во училиштата, а да имаме покачување на платите на воспитувачите, негувателите, професорите, наставниците. Местото на децата е во училиштето, местото на децата е во градинките и единствено одговорни за ова доколку не се најде соодветно решение ќе биде токму СОНК како организатори на овој штрајк,“ рече министерката Тренчевска во своето обраќање до јавноста.