Во понеделникот, украинскиот претседател Володимир Зеленски и официјално го предаде пополнетиот прашалник на Украина за пристапување во ЕУ и рече дека верува оти овој потег ќе доведе до тоа неговата земја да добие кандидатски статус во наредните недели. Прашалникот, кој служи како почетна точка на ЕУ за отпочнување на пристапните преговори, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен му го предаде на украинскиот претседател за време на посетата на Киев на 8-ми април.
Украина поднесе барање за членство во Европската унија по почетокот на руската инвазија на 24 февруари.
Процесот на пристапување во Европската унија е сложен и одзема многу време, па дури и ако Комисијата позитивно ја оцени подготвеноста на земјата-кандидат, може да поминат години пред вистинското отворање на преговорите. Фон дер Лејен му вети на украинскиот претседател дека првите чекори на Украина кон членството во ЕУ ќе бидат забрзани, велејќи дека „тоа нема да биде прашање на години како и обично, но смета дека тоа ќе биде прашање на недели“.
Зеленски го предаде пополнетиот документ на претставникот на ЕУ во Украина, се вели во снимката од средбата што ја објави неговата влада. „Цврсто веруваме дека овој процес (додавање кандидатски статус) ќе се случи во наредните недели и ќе биде позитивен за историјата на нашиот народ, со оглед на цената што ја платија на патот кон независноста и демократијата“, рекол Зеленски на средбата.
Заменик-шефот на кабинетот на украинскиот претседател претходно во понеделникот изјави дека очекува Украина да добие кандидатски статус во јуни на состанокот на Европскиот совет, на кој се собрани лидерите на земјите-членки на ЕУ.