Јаневска: Политизирање на штрајкот со изјави од типот „се кршат правата на децата“ не водат кон конструктивен дијалог

од Берта Китинска
451 прегледи

СОНК како репрезентативен синдикат ги застапува правата на наставниците и во договор со нив го креира барањата за преговорите со Владата во однос на работничките права, во овој случај правата на наставниците. Устната понуда за покачување на платите во висина од 10% без временска рамка, наставниците не ја сфаќаат како сериозна понуда и со оглед на изгубената доверба во Владата наставниците не чувствуваат сигурност при ваква понуда, вели во разговор за „Локално“, проф д-р Весна Јаневска претседател на Комисија за образование и наука на ВМРО-ДПМНЕ.

Според неа покачувањето на минималната плата е повод за изразување на незадоволството на просветарите, појаснувајќи дека доближувањето на нивните основни плати поблиску до минималната укажуваат на незавидната финансиска состојба во која се наоѓаат тие.

-Десет проценти, односно 2500 денеари одвај ги покриваат, а во одредени случаи, не ги покриваат ни трошоците за струја и парно греење, или потребите за нега на дете од 2 години, месечно. Од тука наставниците имаат право да го искажат своето незадоволство од понудата, а Владат има обврска да продолжи да преговара и што е најважно, сериозно и достонствено да се однесува кон наставниците, посочува Јаневска.

Јаневска е на мислење дека власта треба да им помогне на своите граѓани во тешките моменти, а наставниците со платата под просечната во земјата се наоѓаат во незавидна финансиска положба.

-Свесни за состојбата на сериозна инфлација наставниците не би пристапиле на штрајк доколку не биле приморани на тоа, односно доколку не чувствуваат силен притисок токму од таа инфлација, но и од многу други елементи кои континуирано го деградираат нивниот статус. Тие секако имаат право преку нивното синдикално организирање да носат одлуки, во овој случај за висината на платата, поточно процентот на покачувањето. Владата, од друга страна е должна да бара и изнајде начини, да удоволи на нивните оправдани барања на најдобар можен начин. Владата треба да превземе мерки за заштеда на средства со намалување на непродуктивни и непотребни трошоци, да превземе мерки за искрена борба против криминалот и корупцијата и да спроведе ефикасни мерки за подобрување на стандардот на граѓаните, појаснува таа.

Јаневска потенцира дека шртајкот е уставно загарантирано право и дека политизирањето на штрајкот со изјави дека „се кршата правата на децата“ не водат кон конструктивен дијалог.

-Неодржување на наставата во одреден период не предизвикува непоправливи штети на образовниот процес. Изгубената настава може на повеќе начини да се надокнади, но за тоа треба добра воља и разбирање. Политизирање на штрајкот со изјави од типот се кршата правата на децата не водат кон конструктивен дијалог и се иритирачки за оние кои се одлучиле на крајниот чекор, односно штрајк. Ваквите изјави веројатно се упатени кон родителите, кои навистина во овој период може да имаат непријатности околу згрижување на децата, но тука Владата има клучна улога и наместо да се обидува насилно да го прекине штрајкот, треба да превземе чекори за брзо решавање на проблемот. Колку побрзо се постигне договор меѓу МОН и СОНК толку побрзо наставниците ќе се вратат на работа, а учениците во училишните клупи, подвлекува Јаневска.

Б.М.

Слични содржини