На Манчестер Јунајтед му требаат неколку добри трансфер периоди за да игра на нивото на Ливерпул. Ова е мислењето на привремениот менаџер на тимот Ралф Рангник. Ливерпул во последните четири сезони ја освои Премиер лигата, Лигата на шампионите, Лига купот, Суперкупот и Светското клупско првенство – период во кој Јунајтед нема освоено ниту еден трофеј.
„Мислам дека клуб како Манчестер Јунајтед не може да си дозволи три или четири години за да го постигне тоа, но и не мора“, изјави Рангник за новинарите. „Ако знаете што барате, ќе ви бидат потребни два или три преодни рока. Но, ако не знаете што барате, секогаш ќе барате игла во стог сено“, рече германскиот менаџер.
„Ако знаете каков тип на играчи сакате да привлечете и какви профили ви се потребни на секоја позиција, ќе ги најдете играчите и ќе ги убедите да дојдат. Не е толку комплицирано, не е вселенска наука“, рече тој.
Ливерпул ја освои последната титула по пауза од 30 години, но Рангник не верува дека Јунајтед ќе мора да чека толку долго.
„Претпоставувам дека тоа нема да се случи бидејќи е очигледно дека се потребни промени за да се изгради иднината“, рече Рангник.
„Мислам дека тоа нема да се случи“, заклучи тој.
Вечерва двата тима ќе се соочат на „Енфилд“.