Францускиот претседател во заминување, центристот Емануел Макрон, би можел да победи во вториот круг од претседателските избори со 54,5 отсто од гласовите, додека неговата противкандидатка, лидерката на екстремната десница Марин Ле Пен, би освоила 45,5 отсто од гласовите, вечерва ги пренесе резултатите француската онлајн телевизија BFMTV од најновата анкета.
Според истражувањето на институтот „Opinion“, Макрон ја зголемува својата предност пред Ле Пен и се чини дека неговата изборна кампања меѓу двата круга дава резултати.
„BFMTV“ пренесува дека Макрон се фокусирал на гласачите на лидерот на радикалната левица Жан-Лук Меланшон, кој беше трет во првиот круг. По резултатите тој ги повика своите гласачи да не гласаат за екстремната десница, но конкретно не повика да се гласа за Макрон.
Според анкетата, 42 отсто од гласачите на Меланшон рекле дека ќе гласаат за Макрон, што е зголемување од седум отсто во однос на претходната недела. За Ла Пен би гласале 25 отсто од гласачите на Меланшон, што е пад за два отсто во однос на пред една недела.
Како и многу француски медиуми, „BFMTV“ нагласува дека анкетите не го предвидуваат исходот од изборите, туку укажуваат на моменталната рамнотежа на силите и јавното мислење.
Франција во недела ќе добие нов претседател, а изборите се одржуваат среде војната во Украина и француското шестмесечно претседавање со Советот на Европската унија.