Русија секогаш ќе остане сосед на Финска со која е неопходно да се одржуваат односи, но важно е и да се донесе евентуална одлука за влез во НАТО заедно со Шведска, што ќе ја олесни негативната реакција на Русија, изјави денеска финскиот министер за надворешни работи – Пека Хависто.
„Русија е и секогаш ќе биде наш сосед. Треба да се обидеме да одржуваме работни односи со неа. Контактите меѓу Финска и Шведска во однос на безбедносната политика се многу блиски. Важно е Финска и Шведска да донесат одлука за членство во НАТО во приближно исто време. Заедничкиот пристапен процес би можел да ја олесни евентуалната реакција на Русија“, изјави шефот на финската дипломатија.
Претседателот на фракцијата на Социјалдемократите (СДП) во парламентот Анти Линдтман оцени дека руските акции во Украина ја доближиле Финска многу поблиску до одлуката за влез во НАТО алијансата.