Вклучувањето на 7-кратниот светски шампион Луис Хамилтон во конзорциумот кој сака да го купи фудбалскиот клуб Челси се покажа како една од големите вести во Формула 1 пред почетокот на Големата награда на Емилија-Ромања овој викенд на патеката „Имола“.
Хамилтон и познатата тенисерка Серена Вилијамс имаат удел до 10 милиони фунти во конзорциумот предводен од Сер Мартин Бротон. Челси е во сопственост на рускиот олигарх Роман Абрамович, кој ја објави својата продажба на 2 март, непосредно пред британската влада да ги замрзне неговиот имот и средства, поради неговите врски со Владимир Путин, кој ја започна војната во Украина.
Актуелниот светски шампион во Формула 1, Макс Верстапен не ја пропушти можноста да се пошегува со Луис кога беше прашан за мислење за оваа инвестициска одлука на Британците.
„Јас сум навивач на ПСВ Ајндховен и никогаш не би го купил Ајакс“, изјави Макс за Прес асоцијацијата. „Ако одам да купам лондонски клуб, ќе сакам да го поседувам целиот клуб и да носам мои одлуки, а не да поседувам мал удел. Мислев дека Луис е навивач на Арсенал? Доколку сте фан на Арсенал и сакате да го купите Челси, ова е доста интересно. Но, секој може да прави што сака со своите пари, ќе видиме што ќе излезе од тоа“.