МОН: Наставата во училиштата и социјалниот дијалот Влада – СОНК да се одвиваат паралелно

од Берта Китинска
557 прегледи

Учениците не смеат повеќе да губат часови, бидејќи и онака во изминатите две години воспитно – образовниот процес се организираше во отежнати услови поради пандемијата и тоа во голема мера влијае врз знаењето на младите генерации од кои во иднина се очекува да ги преземат улогите на возрасните, да учествуваат во општествените процеси и да бидат предводници на промените, информираат од МОН.

Од Министерството посочуваат дека со ваков идентичен став во изминатите неколку денови во јавноста излегоа претставниците на повеќе релевантни институции и организации кои работат во областа на детската заштита и унапредување на правата на децата, меѓу кои и УНИЦЕФ и Народниот правобранител.

-Тие велат дека целосно се согласуваат со заложбите на наставниците за унапредување на нивната економско материјална состојба. Штрајкот е легитимно право, но борбата никако не смее да се води на грбот на учениците, кои пак, имаат право на образование и тоа не смее да не биде овозможено, односно прекинато.За Народниот правобранител, не постои дилема дека кога има судир на две права кои се уставно загарантирани, предност се дава на правата на децата и затоа од институцијата сметаат дека училиштата не треба да бидат затворени, туку напротив незадоволството на наставниците да се изразува на друг начин кој нема да му наштети на воспитно – образовниот процес, велат од МОН.

Наведувајќи одредби од Конвенцијата за правата на детето, меѓу кои и дека основното образование е задолжително и бесплатно, како и одредби од законите за основно и средно образование кои велат дека наставната година не смее да се прекинува поради штрајк, во дописот кој Омбудсманот го испраќа до МОН и до јавноста бара од министерството и другите надлежни институции да ги преземат сите мерки за наставата да продолжи и успешно да се заврши тековната учебна година.

„Народниот правобранител потсетува дека уште неполн месец и половина има до крајот на учебната година, а во меѓувреме учениците треба да полагаат испити и да се подготвуваат за полагање државна матура заради натамошно образование, но наместо во училиште децата се дома, со што сериозно е нарушено правото на детето на непречено и квалитетно образование. Отткука, оправдана е реакцијата и загриженоста на родителите кои со претставки се обратија до нашата институција изразувајќи загриженост за неизвесноста на натамошното образование на нивните деца и квалитетот на образование“, се вели во писмениот став на Народниот правобранител.

И претставничката на УНИЦЕФ во Северна Македонија, Патриција ДиЏовани вели дека наставниците имаат право да бараат повисоки плати, но тоа да не биде на грбот на учениците кои и онака со пандемијата изгубија многу часови, туку да се изнајдат нови иновативни начини за штрајкување.

„Сакам да ги поддржам наставниците во нивните законски права за обезбедување на поголеми плати, но тоа никако не може да биде врз грбот на учениците кои и така со пандемијата и другите случувања во блиското минато изгубија многу часови. Апелирам до сите засегнати страни да изнајдат алтернативни начини за да штрајкуваат зашто децата изгубија многу и навистина е многу лошо тие да станат жртви на ова што се случува сега“, рече Ди Џовани.

Наставата во училиштата е во прекин деветти ден по ред, откако СОНК одлучи да започне генерален штрајк со барање за зголемување на личните примања на наставниците и за брзо усогласување на платите во образованието со новиот износ на минималната плата за кој е постигнат широк општествен консензус со обврска тоа да се случи во рок од шест месеци по усвојување на законските измени. Рокот за исполнување на обрската за ова усогласување кое со ребаланс на буџетот треба да го направи Владата не е изминат, но сепак синдикатот се одлучи за бојкот на наставата. Во меѓувреме, иницијаторите на штрајкот го одбија и владиниот предлог за зголемување на платите во образованието за 10%, односно за 2500 денари по наставник.

Слични содржини