Оваа недела во Стразбур се одржува редовна сесија на Парламентарното собрание на Советот на Европа. Ќе се разговара на многу важни теми, вклучувајќи ја и агресијата која што во моментов се случува во Украина и потребата на обезбедување на мир во Европа. Исто така ќе се разговара и на теми кои се важни за Македонија и за нашето соседство. Во бројните средби коишто ќе ги имам во овие три дена, ќе побарам Македонија конечно да добие датум за почеток на преговори со ЕУ и да ги почне преговорите со ЕУ, затоа што тоа го заслужуваат граѓаните на Македонија, изјави во видео-обраќање потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски.
Тој информира дека во рамки на своите средби и обраќања ќе ја повика Бугарија да ги спроведе пресудите на Европскиот суд за човекови права.
-Бројни пресуди кои се во корист на Македонците од Бугарија не се спроведуваат од страна на Бугарија. Едни од најзначајните кои што судот ги донесе во 2020 година е пресудата за формирање на клуб за етничка толеранција, како и пресудата за формирање на клуб за жртвите кои беа тероризирани од комунистичкиот режим. Тоа се две значајни пресуди кои зборуваат за етничката толеранција во Бугарија, но исто така и за потребата од рехабилитација на жртвите на комунистичкиот терор во Бугарија. Нешто што Бугарија не сака да го спроведе, затоа што политиката која што ја води е слична на онаа политика која што ја води изминативе 20 години, а тоа е политика на негирање и политика која што значи непочитување на одлуките на Советот на Европа, истакна Николоски.