Петровска – Донфрид: САД ни дава безрезервна поддршка за членство во ЕУ

од Nikola Popovski
187 прегледи

Северна Македонија и Соединетите Американски Држави се стратешки партнери и сојузници. Посветени сме на интензивните и блиски контакти помеѓу двете земји, а доказ за тоа е стратешкиот дијалог кој треба да се одржи на почетокот на јуни во Вашингтон, кој претставува уште повисоко ниво на соработка, заклучија министерката Славјанка Петровска и помошник државната секретарка на САД, Карен Донфрид на денешната средба во Министерството.

„Соединетите Американски Држави се наш искрен партнер и поддржувач од стекнувањето на независноста до денеска. Нè поддржавте во развојот и реформите во Армијата, а денеска Северна Македонија веќе е во процес на набавка на нови и софистицирани оклопни транспортери од американско производство, што е доказ за меѓусебната доверба“, рече министерката.

Петровска се заблагодари и за американската поддршка за почеток на пристапните преговори за членство во Европската Унија, за која рече дека е континуирана и недвосмислена.

„Северна Македонија припаѓа на Европа и на Европската Унија. Потребен ни е брз пробив и почеток на пристапните преговори кои ги чекаме повеќе од една деценија. Членството во Унијата од денешна перспектива станува и безбедносно прашање од највисок приоритет и затоа одлука за почеток на преговорите ни треба сега“, рече министерката.

Членството на Северна Македонија во Унијата, подвлече Петровска, ќе биде уште еден гарант за мирот и стабилноста во регионот кој стана побезбеден и посигурен со членството на нашата земја во НАТО во 2020 година.

Помошник државната секретарка Донфрид даде безрезервна поддршка за отворањето на пристапните преговори на Северна Македонија со Европската Унија и порача дека Соединетите Американски Држави остануваат силен поддржувач на развојот на државата и на Армијата.

Во контекст на состојбата во Украина, Петровска и Донфрид ја осудија руската агресија врз оваа земја и ги повторија јасните позиции на двете земји дека е потребна итна деескалација и прекин на огнот.

На состанокот во Министерството присуствуваа и началникот на Генералштабот, генералот Васко Ѓурчиновски, амбасадорката на САД, Кејт Брнз и заменикот – помошник државен секретар во Бирото за европски и евроазиски работи, Габриел Ескобар.

Слични содржини