Откочување на било кој процес е можно само ако засегнатите страни одлучат за тоа. Секој пат може да има помагачи или такви кои ќе ги охрабрат вклучените да преземат некој чекор, но одлуката зависи само од оние кои можат да ја направат. Впрочем на ова се научивме изминативе две години. Многу држави правеа притисоци врз Бугарија, или врз двете страни, а поместување сепак немаше, вели во разговор за „Локално“, Андреја Стојковски, извршен директор на Институт Преспа.
Според него посетите на еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји и секретарка на САД за европски и евроазиски прашања Карен Донфрид е кулминација на надворешно-политичка активности на сите сојузници, ЕУ преку државите-членки и Европската комисија, односно членките на НАТО, особено преку САД.
-Да бидам целосно јасен, спорот помеѓу Бугарија и Северна Македонија не се однесува на НАТО, но има сериозни импликации врз односите во алијансата бидејќи вклучува две држави-членки, а вовлекува и трета и со тоа значително го слабее јужно крило на алијансата, појаснува Стојковски.
За тоа дали Западен Балкан е во втор план сега за ЕУ, со оглед на конфликтот во Украина и дали со тоа и спорот меѓу Македонија и Бугарија ќе биде ставен „на страна“, Стојковски смета дека земјите од Западниот Балкан се многу поважен сега од порано.
-Напротив! Западниот Балкан е многу поважен сега одошто беше порано. Најнапред поради членството во НАТО и блискоста со ЕУ, а потоа и поради воената инвазија на Русија врз Украина и блискоста до нас.Да појаснам, три од државите од Западен Балкан не се членки на НАТО. Притоа, Босна е партнерска држава која е дел од Акцискиот план за членство во алијансата. Од друга страна, Косово иако не е членка на алијансата има посебни односи, а КФОР е гарант за имплементацијата на спогодбата за нормализација на односите помеѓу Косово и Србија. Останува само Србија која зборува за своја воена независност, а притоа нема проблем да организира и учествува на воени вежби со армиите на Руската Федерација и на Белорусија. Воедно, Србија останува единствената држава од Европа, покрај Белорусија која е делумно цел на санкциите, која не се придружи на санкциите против Путин и неговиот режим.Односните помеѓу државите на Западниот Балкан се компликувани, тоа сите добро го знаеме. Во минатото видовме обиди за надворешна дестабилизација на Црна Гора, а помниме дека претставници на странски разузнавачки служби беа присутни на 27 април 2017 во нашиот парламент за време на терористичкиот акт организиран од некои од лидерите, или тогашните лидери на ВМРО-ДПМНЕ, подвелкува тој.
Стојковски информира дека и истражувањата од Опсерваторијата на влијанието и имиџот на државите на Институтот ПРЕСПА покажале дека во државава нема автентично проруски сентимент, ниту пак е директно изложена на руска пропаганда.
-Нашите граѓани ја примаат пропагандата наменета за регионот која доаѓа главно преку медиуми од соседството, а ако на тоа ја додадеме оваа целокупно деликатна состојба на користење на своето објективно присуство кое Србија го прави за да оствари влијание, мислам дека е повеќе од јасно зошто Западниот Балкан е важен. Конечно, со воената инвазија на Русија врз Украина гледаме раѓање и развој на геополитичката Европска Унија и геополитичката комисија што јасно става до знаење дека не смее, ниту ќе го заборави Западниот Балкан, објаснува, првиот човек на Институтот ПРЕСПА.
Во врска со реториката кој нашиот источен сосед ја заострува, откако и Радев и Пендаровски си разменија неколку „отровни стрели“ во врска со наводни концентрациони логори во земјава, Стојковски е на мислење дека посојат многу лица од обете страни од границата кои не се подготвени да ја прифатат и променат таа реторика .
-Во нашите семејства имаме многумина од нашите предци на кои им биле менувани имињата и презимињата со промената на властите на територијата на државава, а има и такви кои страдале повеќе од само промена на името. Страдањата биле за време на Втората Светска војна, но и по неа. Оттаму, потребна е огромна храброст и извонредна визија за да можат лидерите да се издигнат над историските проблеми, да ги признаат и да продолжат понатаму да зборуваат и да создаваат иднина.Го почитувам претседателот Пендаровски. Сметам дека тој, после многу години, е првиот вистински Претседател на државата. Воедно му благодарам што ја презема на себе улогата да му одговори или одговара на Претседателот Радев. Сепак, среќен сум што премиерите Ковачевски и Петков не ја споделуваат истата реторика и се фокусираат на можностите за соработка, вели Стојковски.
Според него изјавата на Петков дека земјава ќе стане членка најрано за 10 години е реална, иако не се согласува со неа во целост.
-Дури и историски гледано преговорите за пристапување, ако се исклучат Србија и Црна Гора траеле во просек 7,2 години. Од другата страна, новата методологија за проширување предвидува дека преговорите се организирани по поглавја, а истите во 7 кластери. Исто така, методологијата предвидува дека секој од кластерите се преговара барем 1 година. Оттаму, преговорите само како преговори би траеле барем 7 години. Тука недостигаат периодите на скрининг и ратификација на конечниот пристапен договор, подвлекува тој.
Б.М.