Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска изјави дека во регионот на Киев е пронајдена уште една масовна гробница со 900 тела.
Во интервју за полски медиуми, Зеленски рече дека се уште е подготвен да разговара со рускиот претседател Владимир Путин и покрај „руските злосторства во Буча, Мариупол и на други места“.
Тој ги обвини руските војници дека ги „чистеле трагите“ и користеле мобилни крематориуми за да ги запалат телата, јавува Би-Би-Си.
-Никој не знае колку луѓе загинале вкупно. Последици ќе има, ќе има истрага, рече Зеленски.
Зеленски додаде дека сака да се сретне со Путин бидејќи во Русија, како што тврди, за сѐ одлучува еден човек.
Тој предупреди дека ризикот од неуспех на преговорите меѓу двете страни е голем поради руските акции во областите во Украина, кои беа окупирани од силите на таа земја.
„По Буча и Мариупол, луѓето едноставно сакаат да ги убијат. Кога има таков став, тешко е да се зборува за било што“, рече Зеленски. Тој истакна дека е „со срце и душа“ со својот народ, но рече дека „ако има некаква шанса, треба да разговараме“.