Интер на кинеска „диета“, тимот повторно ќе треба да продава?

од Vladimir Zorba
278 прегледи

Без разлика на исходот на сезоната, Интер ќе мора повторно да продава и штеди.

Имено, според информациите од Италија, шампионот добил нови инструкции од кинеските сопственици. Мора да бидат во плус од 60 милиони кога се работи за продажба и набавка на играчи, како и повторно да се намали буџетот за плати за околу 15%, што со други зборови би значело заштеда на нови 20 милиони евра.

Ова поставува нова тешка задача за Марота и спортскиот сектор. Лани ги продадоа Лукаку и Хакими, но сега немаат толку вредни играчи.

Имено, освен обидот да се ослободи од големите договори, пред се на Санчез за на крајот да му се отвори простор на Дибала, најверојатно би можеле да бидат продадени и двајца стандардни играчи, како и минатата сезона.

Еден е Стефан Де Фрај, Холанѓанецот би можел да се пресели во Премиер лигата, но прашање е колку пари може да донесе во касата.

Најскап од оние кои би можеле да заминат е Лаутаро Мартинез за кого би била прифатена сумата од околу 80 милиони евра, откако се уште се зборува за интересот од Атлетико.

Но, Интер повеќе би сакал да се откаже од некои други играчи, наводно списокот постои, на него се Барела, кој игра многу послабо од минатата сезона или стоперите Шкрињар и Бастони.

Со продажбата на Лаутаро се би било полесно – дел од парите би можеле да се вложат за доведување на Скамака од Сасуоло, чија вредност е околу 40 милиони евра. Јасно е дека Дибала ќе биде мета, а Марота мора да посегне по пазарот на слободни играчи. Јасно е дека сакаат квалитетен стопер ако заминат еден или двајца, а се споменуваат Бремер, Сенези од Феенорд, Лисандро Мартинез… Ќе има многу шпекулации, но ако не ја одбранат титулата, се ќе биде потешко.

Марота наводно потврдил дека Инзаги ќе остане и ако е втор и не го освои Купот против Јувентус, но сега многумина сомнително вртат со главите.

Навивачите се лути, не на тимот, туку на сопствениците, особено поради најавата дека градскиот ривал, предводен од „Инвесткорп“, ќе потроши многу поголеми суми за засилувања. Доколку тоа го направат новите сопственици од Бахреин во текот на летото, притисокот врз семејството Женг, првите странски сопственици во историјата на Серија „А“ кои го освоија „скудетото“, ќе биде голем.

Слични содржини