Иако формалниот претседател на СДСМ и премиер на македонската Влада, Димитар Ковачевски ја одби понудата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, професор д-р Христијан Мицкоски за лидерска средба на која, меѓу другото, би се разговарало и за одредување на брз датум за предвремени парламентарни избори, понудата се уште стои отворена, изјави pотпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски.
Николоски додаде дека единствен излез од економската и политичка криза на Македонија се предвремените парламентарни избори и тие треба да се одредат час поскоро, но до тогаш ја повика власта да ги прифати четирите тима со високи професионалци од четирите клучни сектори кои ги предлага ВМРО-ДПМНЕ, со цел да не се губи време до одржувањето на изборите, овие тима да работат и да нудат решенија за излез од кризите кои ја зафатија Македонија.
„Ние дадовме десетина дена да размисли и еве да повторам оттука, доколку Димитар Ковачевски не е тој кој што ги носи одлуките во СДСМ, спремни сме да седнеме и да разговараме со тој кој што тие ќе го посочат дека ги носи одлуките во СДСМ. Ако е Зоран Заев, Зоран Заев ако е Радмила Шеќеринска, Радмила Шеќеринска ако е некој трет, тој кој што ќе го посочат. Потребно е Македонија да излезе од политичката и економска криза, преку решенија во четирите клучни сектори, економија, надворешни работи евро интеграции и односи со Бугарија и заштита на македонскиот национален идентитет, образование и здравство. И секако определување на брз датум за предвремени избори, затоа што излез од оваа криза се само предвремени избори, а додека да се случат тие предвремени избори, да не се губи времето и овие четири тима да работат. Нашата понуда стои и е отворена, оставаме на нивната политичка свест и одговорност”, рече Николоски.