Измените на законот за работни односи на кои работи Министерството за труд, а чија нацрт верзија се очекува во мај, полека ги зоврива страстите во јавноста. Во интервју за „Локално“, Ирена Јакимовска од Организацијата на работодавачи на Македонија и генерален менаџер на компанијата “Комфи ангел” вели дека за работодавачите дел од предложените измени се популистички и неприфатливи.
“Вакви промени на Законот за работни односи во овој временски период е најмалку што ни треба во задржување на вредноста на капиталот. Вакви предлози го штитат интересот само на неработниците и нема да донесат ништо добро во подобрување на продуктивноста, дури напротив ќе влијаат негативно”, објаснува таа.
Како особено спорен според Јакимовскa е предлогот, договорот за вработување на определено време да се скрати од пет години на 12 месеци. “Година дена е многу кратко време за компанијата да дефинира дека тој вработен е тој на кој што компанијата може да се потпре на неопределено време до крајот на неговиот работен век. Европските искуства се дека минимум требаат три години” вели таа.
Барањето на синдикатите за зголемување на платите за најмалку 2806 денари Јакимовска вели дека не соодветствува со зголемените трошоци за живот.Не смееме да ја уништиме конкурентноста на пазарот, децидна е таа бидејќи фокусот треба да биде зголемување на продуктивноста на трудот.
Синдикатите се решени да не ја кренат рампата за измените во ЗРО се дури не се ограничат договорите на определено време на најмногу една година.Како гледате на ова нивно барање?
Законот за работни односи има уставна вредност за нашата компанија и за сите други нормално и истиот треба правилно да ги вмрежи работниците од една страна и работодавците од друга страна, да ги застапува нивните интереси и да овозможува зголемена продуктивност на трудот. Вакви предлози го штитат интересот само на неработниците и нема да донесат ништо добро во подобрување на продуктивноста, дури напротив ќе влијаат негативно. Година дена е многу кратко време за компанијата да дефинира дека тој вработен е тој на кој што компанијата може да се потпре на неопределено време до крајот на неговиот работен век. Европските искуства се дека минимум требаат три години.
Зошто бизнис заедницата не прифаќа вакви измените на законот, кои се главните точки на сопнување со кои не се согласуваат работодавачите?
Во последно време работодавците се соочуваат со и онака многу слаба понуда на пазарот на трудот, а дополнително сите глобални негативни случувања влијаат негативно на
градење на капиталот и вакви промени на Законот за работни односи во овој временски период е најмалку што ни треба во задржување на вредноста на капиталот.
Кои се останатите приоритети кои Вие како работодавачи сметате дека треба да се дефинираат со новите измени? Се чини дека флексибилното работно време, сезонската работа, работата од дома или процедурите за пријавување и одјавување работник, остануваат надвор од фокусот ?
Според мене главни приоротети на кои што треба да работат работниците, работодавачите и јавните инсистуции е продуктивноста на трудот, имено сите тие три елементи влијаат на продуктивноста на трудот, треба да се лоцираат нивните позитивни и негативни влијанија и само со разговор може да се надминат сите препреки во надоградба и зголемување на продуктивноста на трудот од кој што сите три фактори ќе имаат бенефит.
Дали бевте повикани на расправи по предлог измените?
Не и никогаш не сме повикани.
Доколку бидат усвоени предложените измени, какви последици ќе имаат тие за бизнисот?
Негативни секако.
Колку е важно работодавачите , работниците и владата да бидат сојузници во носењето на ваков тип закони? Колку е контрапродуктивно континуираното искричење и дали на овој начин „се оди на рака” на нечии интереси ?
Единствен начин е само сојузништвото и комуникацијата како што горе се произнесов. Предлог законот делува прилично популистички.
Какви се според вас шансите со измените на ЗРО да се даде можност пазарот на труд да се прилагоди на модерните потреби и да се влијае на економската активност?
Се додека јавните институции не се дигитализираат комплетно и административно да станат погодни за работењето на приватиот сектор тешко ќе можеме да се прилагодиме на модерните потреби со кои што би влијаеле на економските можности и раст и развој на државата. Ако мене ме прашате дури и тоа е премалку и секако дека сите три фактори преку дефинирање на кои мерки треба да се превземат за зголемување на продуктивноста на трудот ќе можеме да ги зголемиме и пр животниот стандард.
На 1 мај синдикатите ќе протестираат со барање платите да ги следат трошоците за живот и линеарно да се зголемат сите плати во јавниот и приватниот сектор од најмалку 2806 денари. Како го толкувате тоа?
Според мене и тоа е премалку и не соодветствува со зголемените животни трошоци во моментов. Маѓутоа од друга стана не би смееле да ја уништиме конкурентноста на пазарот. Затоа поторно ќе потенцирам само преку зголемување на продуктивноста на трудот од страна на сите овие фактори можеме да го зголемиме животниот стандард од една страна преку зголемување на платите од друга страна преку можност со истите тие плати да се има пристап до производи и услуги со подостапна цена.
Од друга страна пописот покажа дека го губиме работоспособното население во Македонија.Бизнисот во повеќе наврати предупредува дека не е далеку од тоа, да увезува работници.Какви реформи и стратегии се потребни и дали е доцна за тоа?
Никогаш не е доцна за никакви промени и на некој начин сите кризи треба да ги правиме во наша предност а не негативност. Доколку луѓето се осеќаат сигурни, среќни дека имаат иднина во земјата во која што и живеат секако дека нема да ја напуштат матичната земја. Само заедно можеме да го спречиме потенцијалниот одлив на работната сила. Но со оглед на тоа дека капиталот е како живата и секогаш ќе си го најде својот пат, секако и опцијата за увоз на работна сила не е исклучена, меѓутоа повторно треба да биде регулирано од страна на државата. И од тие причини се враќаме на суштината, дијалог помеѓу работодавци, држава и работници.
К.В.С.