Годинава се навршуваат и одбележуваат 60 години од поставувањето на темелите на изучувањето на македонистиката на Филозофскиот факултет при Универзитетот во Љубљана – исклучително значаен јубилеј за македонскиот јазик, литература и култура, имајќи ја предвид важноста на нивното присуство на големите универзитетски центри надвор од нашата земја.
Во рамките на поранешната Југословенска Федерација, Филозофскиот факултет во Љубљана прв распиша конкурс за лектор по македонски јазик, по што историјата на македонистиката во Словенија започна во учебната 1961/62 година, со првиот лектор, Блаже Ристовски, а потоа, во периодот кога лектор беше Драги Стефанија, лекторатот прерасна во Катедра за македонски јазик и книжевност. Во периодот од 1999 до 2001 година, Катедрата ја водеше проф. д-р Катерина Велјановска, а изминативе дваесет години ја води проф. д-р Намита Субиото. Денес, Универзитетот во Љубљана е еден од универзитетските центри во овој дел на Европа на коишто има најголем интерес за македонистиката, и тоа не само историографски, туку и за најактуелните теми и прашања во македонската лингвистика, книжевност и култура, за што сведочат и бројните научни трудови, но и книжевни преводи.
По овој повод, честитка до Филозофскиот факултет во Љубљана упати директорката на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје (МСМЈЛК при УКИМ), проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска.
Инаку, големиот јубилеј, Катедрата за македонски јазик и книжевност при Одделот за славистика на Филозофскиот факултет при Универзитет во Љубљана, неделава ќе го одбележи со свечен, виртуелен настан. На настанот е предвидено предавање да одржи проф. д-р Катерина Велјановска од Филолошкиот факултет „Блаже Конески” при УКИМ, која од 1999 до 2001 години ја водеше љубљанската македонистика. Присутните е предвидено да ги поздрават деканката на Филозофскиот факултет, проф. д-р Мојца Шламбергер Брезар, амбасадорката на Република Северена Македонија во Република Словенија, н.е. Сузана Зеленковска и раководителката на Одделот за славистика, доц. д-р Шпела Севшек Шрамел. На настанот е предвидено да биде претставен и историјатот на македонистиката на Филозофскиот факултет во Љубљана во форма на видео-колаж од изјави на студенти, професори и претставници на институциите со кои Катедрата за македонски јазик и книжевност има активна соработка, при што ќе биде емитувана и честитката на МСМЈЛК при УКИМ.