Две европски земји нема да учествуваат во ембаргото за купување руска нафта?

од Stefanija Kuzmanovska
394 прегледи

Европската комисија можеби ќе ги поштеди Унгарија и Словачка од примена на ембаргото за купување руска нафта, кое се подготвува поради големата зависност на тие две земји од руската нафта, изјавија денеска двајца претставници на ЕУ, пренесува „Ројтерс“.

Се очекува Комисијата во вторник да ја заврши работата на новиот, шести пакет санкции на ЕУ против Русија поради нејзините дејствија во Украина, кои ќе вклучуваат забрана за купување руска нафта, чиј извоз е главен извор на приходи на Москва.

Унгарија, која е силно зависна од руската нафта, постојано повторува дека нема да потпише санкции поврзани со енергијата. Словачка е исто така една од земјите на ЕУ која најмногу се потпира на руските фосилни горива.

Со цел блокот од 27 земји да остане обединет, Комисијата би можела да им понуди на Словачка и Унгарија „исклучок или долг преоден период“ да престанат да купуваат руска нафта, изјавил функционер чиј идентитет „Ројтерс“ не го открива.

Воведувањето на нафтено ембарго во секој случај ќе биде постепено, а најверојатно ќе стапи во целосна сила дури од почетокот на следната година, наведуваат изворите на британската агенција.

Шестиот пакет европски санкции во среда треба да им биде претставен на амбасадорите на земјите членки на ЕУ.

Слични содржини