За време на денешниот телефонски разговор со рускиот претседател Владимир Путин, францускиот претседател Емануел Макрон изразил загриженост за ситуацијата во Мариупол и Донбас, во источна Украина, и побара од Москва да дозволи евакуација од фабриката за челик Азовстал, се вели во соопштението на Елисејската палата.
„Францускиот лидер изрази длабока загриженост за ситуацијата во Мариупол и Донбас и побара од Русија да поттикне понатамошна евакуација од фабриката Азовстал, која започна во последните денови“, соопшти француското претседателство, пренесе ТАСС.
Макрон ја истакнал важноста од координација со хуманитарните организации и да им се дозволи на евакуираните да го изберат местото на живеење во согласност со меѓународното хуманитарно право. Францускиот претседател, како што се наведува, „уште еднаш укажал на тешките последици од украинскиот конфликт“.
Тој побарал од Русија да дејствува во согласност со нејзината одговорност како постојана членка на Советот за безбедност на ОН.
Францускиот претседател во телефонски разговор со Путин изразил подготвеност да соработува со меѓународните организации и да помогне во укинување на руското ембарго за извоз на украинска храна преку Црното Море, соопшти денеска Елисејската палата.
ТАСС јави дека телефонскиот разговор меѓу Макрон и Путин траел повеќе од два часа, а ова е прв разговор меѓу двајцата лидери откако Макрон беше реизбран за претседател на Франција на 24 април.