Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, ја откри содржината на шестиот пакет санкции, кој ќе ѝ го нанесе најтешкиот удар на руската нафтена индустрија досега.
Имено, Фон дер Лејен изјави дека на европската зависност од руската нафта ѝ дојде крајот. Се планира суровата нафта да се укине за шест месеци, а рафинираните производи до крајот на 2022 година.
„Целосно ќе го забраниме увозот на руска нафта. Ќе се погрижиме постепено да се ослободиме од руската нафта на начин што на нас и на нашите партнери ќе ни се обезбедат алтернативни средства за испорака. На овој начин сакаме да го минимизираме влијанието на глобалниот пазар. Нема да биде лесно, но во рок од шест месеци сакаме да го запреме увозот на сурова нафта од Русија и сите други нафтени деривати до крајот на годината“, наведе таа.
Предлогот на Комисијата постепено ќе воведе забрана за увоз на нафта од Русија во период од шест до осум месеци, а на Унгарија и Словачка ќе им биде дозволено да потраат неколку месеци подолго, изјавиле претставници на ЕУ за АФП.
Кој друг е опфатен од санкциите?
Познато е дека шестиот пакет санкции опфаќа уште три области.
Први на цел се високи воени офицери кои извршија воени злосторства во Буча и Мариупол, а Фон дер Лејен им порача на сите руски војници кои учествуваа во масакрите дека ЕУ знае кои се тие и нема да се извлечат.
На списокот е и Сбербанк, најголемата руска банка, која ќе биде исклучена од системот за банкарски трансакции SWIFT.
Потоа, во ЕУ ќе бидат укинати три големи руски државни пропагандни радиодифузери.