Законот за помилување е нов закон, а новина е дека во една порана фаза од судската постапка не ќе постои можност за помилување, кажа денеска министерот за правда Никола Тупанчески.
Со новото законско решение за помилување ќе може да се помилуваат само лицата за кои завршила судската постапка.
– Се покажа тоа дека не е најдоброто решение. Во таа насока се обидовме и се обидуваме да се сведат на минимум таквите можности за различно толкување на законот, така што дадени се прецизни критериуми. Се знае точно кои институции до каде се надлежностите и ингеренции и практично се анулирани сите оние потенцијални можности за злоупотреба на законот за помилување. Се разбира претседателот ќе го има крајниот збор, затоа што тоа е поединечен правен акт којшто го донесува претседателот на државата и тука се инволвирани уште казнено-поправните установи и Министерството за правда. Она што е важно има рокови коишто се прецизни и докрај се прецизирани ингеренциите на сите засегнати страни, на сите институции коишто учествуваат во процесот на помилување, изјави министерот за правда.