Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, во текот на вчерашната посета на Пробиштип, присуствуваше и на одбележувањето на патрониот празник на ЈОУДГ „Гоце Делчев“, кои за таа пригода подготвија свечена приредба во изведба на децата од детските градинки.
На почетокот од своето обраќање министерката Тренчевска изрази големо задоволство на поканата за одбележување на патрониот празник на ЈОУДГ „Гоце Делчев“, која годинава навршува 48 години од нејзиното отворање.
Денес, во рамки на оваа јавна установа, функционираат 4 детски градинки/објекти со вкупен капацитет од околу 420 деца.
Министерката рече дека со доградбата на детската градинка на објектот Срничка, како дел од Проектот за подобрување на социјалните услуги, опфатот на деца во процесот на згрижување и воспитание го зголемуваме за дополнителни 74 деца. Со ова бројката на деца од досегашните 125 се зголемува на околу 200 деца. Овој дел од објектот треба да биде достапен за нови деца веќе од септември оваа година.
„За Владата и Министерството за труд и социјална политика, вложувањето во раниот детски развој е приоритет. Тоа го потврдуваат 69 детски градинки отворени од 2017 година до денес и опфат на околу 4.300 деца. До крајот на 2022 година, предвидено е отворање на нови 13 градинки/објекти со вкупен капацитет за 1.360 деца, а 15 градинки кои се во тек, се планирани да се отворат во 2023 година со вкупен капацитет за 1.905 деца. За 100 дена од оваа Влада издадени се 8 решенија за отворање на нови детски градинки“, рече Тренчевска.
Таа посочи дека, покрај капиталните инвестиции, министерството инвестира и во предучилишното згрижување и воспитание преку зајакнување на компетенциите на стручниот кадар во нив, затоа што квалитетното предучилишно воспитание придонесува за правилен раст и развој на децата.
„Нека е честит патрониот празник на ЈОУДГ ‘Гоце Делчев’, на градоначалникот, директорката и вработените во градинката им посакувам да продолжат со успешниот процес на предучилишно воспитание и уште многу нови генерации на дечиња кои првите чекори и првите сознанија за светот околу нив ги стекнуваат во детските градинки, преку учење низ игра“, рече Тренчевска.